Tuesday, 27 November 2012

Ќерката на мојата најдобра пријателка - Дороти Кумсон



Тие две се пријателки од првата минути кога се запознале. Кога ниту едната, ниту другата не биле прифатени од страна на сите други околу нив, тие двете се прифатели една со друга...
Цел живот поминат заедно, цел живот во делење на сите добри и лоши мигови од секојдневието, сѐ до оној момент кога се случува најголемото од сите можни предавства - изневерувањето. И тоа не било какво изневерување туку изневерување од страна на двете личности на кои најмногу им верувате, двете личности кои најмногу ги сакате.
Тоа е предавство кое едноставно не може да се прости и секако не може да се заборави никогаш. Освен ако... „предавникот“ не е на смртна постела!
Кога нејзината најдобра пријателка се бори со смртта, таа не бара само да се прости и да се заборави... Таа бара многу, многу повеќе!
„Сакам да ја земеш и посвоиш ќерка ми, таа нема никој друг на овој свет, не сакам ќерка ми да живее во дом и да расте како сирак. Само тебе те има, сакам да ја сакаш како своја ќерка“.
Да му простиш и да заборавиш човек кој повторно никогаш нема да го видиш е едно, но да имаш вечен негов потсетник и спомен, секој ден до крајот на животот пред своите очи е сосема друго. Особено за жена која никогаш немала свои деца и што е најтрагично од сѐ, никогаш не ни сакала да ги има...
Каков ќе биде животот на Кам откако овој мал ангел-потсетник ќе влезе во него оставам на вас самите да дознаете. Уште колку тајни кои биле скриени од неа ќе мора да дознае и да проголта, исто така ќе ве оставам самите да откриете.

Купи ја книгата


http://kupikniga.mk/BookDetails.aspx?Pr=333

Педесет нијанси потемно - Е. Л. Џејмс



После бурниот почеток и изненадувања кај двете страни Ана и Кристијан се конечно заедно, како дечко и девојка. Кристијан сфаќа дека за да биде со Ана мора да си ги смени навиките, односно да ја гледа Ана како рамноправен партнер, не како потчинет сексуален роб, а Ана од нејзина страна ги прифаќа сексуалните игри на Кристијан, до одредена мера. Иако ненавикнат на споделување на мисли и емоции, Кристијан се наоѓа во позиција каде мора самиот да си признае дека му е убаво. Сфаќа дека ја сака Ана и дека дотогашниот начин на живот веќе не му е привлечен ниту потребен.Сѐ додека ја има Ана ќе биде среќен.
Но, Ана откако реши да живее со Кристијан почнува да открива за неговото минато, за тоа колку партнерки имал, што правел со нив, каде се сега...
Сѐ додека не се соочи со поранешните „девојки“ на Кристијан. Некои од нив се рамнодушни, некои од нив се опсесивни, некои од нив сѐ уште контактираат со Кристијан, а една од нив му е еден вид најдобра другарка. Љубомората си го прави своето. Ана не може да се помири со фактот дека Кристијан ја смета убавата постара дама Елена за најдобра другарка. Таа е тој монструм што го завела како дете и го вовела во тој изопачен свет на BDSM.
Покрај проблемите со врската Ана има и други проблеми на новото работно место, Кристијан ја користи својата моќ да ја унапреди Ана во нејзината работа, на која таа неизмерно му се лути, а нејзиниот шеф се однесува премногу либерално и крајно непристојно кон неа. Дали ќе успеат двајцата Ана и Кристијан да ја надминат љубомората, дали нивната љубов е доволна да ги издржи сите тие препреки и поранешни девојки кои чекаат зад затворени врати со пиштол в рака?
Овој е вториот дел од трилогијата на Педесет нијанси која изобилува со секси сцени, врзани раце, брзи коли, црвени сатенски постелнини, искинати фармерки, свилени чорапи и подвезици, внатрешни божици и повеќе изјави на љубов отколку што може еден човек да издржи пред да му стане лошо.

Monday, 26 November 2012

Злоба - Даниела Стил



Злоба е роман за една жена, Грејс Адамс, која мора да се бори за да си го среди животот... но да почнам од почеток.
Грејс Адамс има тежок живот уште како девојче. Мајка ѝ умира, а татко ѝ сексуално ја злоупотребувал уште од нејзината шеснаесетта година. Ноќта спроти погребот на мајка ѝ, татко ѝ сакал повторно да ја злоупотреби, но таа го убива во обид да се одбрани, бидејќи не може повеќе да го трпи неговото малтретирање. Има само двајца кои ѝ веруваат на зборот, но сепак таа оди во затвор.
По завршувањето на затворската казна таа започнува нов живот: без семејство, пријатели, работа и дом. Од каде ли треба да почне?
Јасно ѝ е дека треба да започне од почеток, да започне нов живот, но каде е почетокот кога веќе е обележана како убиец. Каде и да оди, што и да прави, минатото секогаш ја стигнува и ја враќа во реалноста.Успева да се вљуби во прекрасен човек, Чарлс Мекензи, кој без оглед на нејзиното минато ја сака таква каква што е. Но поради неговата кариера, Чарлс е постојано во центарот на вниманието и повторно минатото на Грејс испливува на површина. Тоа е периодот кога Грејс ќе треба да плати висока цена за тоа што го сторила во минатото, како затворската казна да не била доволна! 


Ова е роман за една многу силна и храбра жена, која користејќи го тоа низ што поминува во минатото, се труди да им помага на жените кои се во слична состојба, како што била нејзината, им помага да можат да се справат со таа ситуација, но не на начинот на кој таа реагирала.
Обично романите на Даниела Стил не се оние по кои трагам кога сакам нешто да прочитам, но сепак кога видов за што се работи од прилика во овој роман, знаев дека љубопитноста ќе надвладее и не згрешив што го прочитав. Се надевам дека и вие нема да згрешите и ќе успеете да го доживеете романот така како што Даниела Стил сакала да ви го пренесе.

Сега и засекогаш - Даниела Стил


"Сега и засекогаш“ е едно од првите дела на Даниела Стил, напишано 1978 година, а денес достапно и на македонски јазик.
Раскажува за најтешкиот период од заедничкиот живот и брак на Џесика и Јан Кларк. Иако тие се во брак веќе седум години, сметаат дека возбудата и страста сè уште не исчезналеПо барање на Џесика, Јан дава отказ во фирмата за рекламирање за да стане писател (иако тоа не му оди баш од рака) и тој е целосно финансиски зависен од Џесика и нејзиниот успешен бутик во Сан Франциско.
Во еден момент на слабост, иако ја сака својата сопруга повеќе од било што на светот, Јан ќе има љубовна афера со друга жена и ќе биде обвинет за силување и ставен во затвор.
Ова создава кошмар кој се заканува да разруши сè она што Џесика и Јан го граделе во текот на својот живот. Џесика, сакајќи да ја ублажи болката, се свртува кон таблети за смирување кои повеќеѝ создаваат зависност, а Јан во затворот се бори со грижата на совеста, не можејќи да ѝ даде никаква поддршка на својата сопруга.




Оваа ситуација од корен ги менува нивните животи,засекогаш.Дознајте која е цената која двајцата ќе мора да ја платат за една непромислена постапка и дали навистина љубовта може да победи сè.

Sunday, 25 November 2012

П.С Те сакам - Сесилија Ахерн



Една неповторлива љубовна приказна која остава без здив.Повторно една од тие книги кои Ве тераат 20 минути да се смеете на глас, а 20 минути да плачете како дете. Нејзиниот маж во најтешките моменти и денови кога згаснува неговиот живот пишува писма за неа кои таа треба да ги чита секој први ден од месецот по неговата смрт. Не, не ги отвора порано од договореното иако умира од желба да го стори тоа и да ги прочита последните зборови на својот сакан туку внимателно ги почитува неговите упатства.
Како една млада вдовица да продолжи да живее кога на овој свет повеќе го нема нејзиниот сакан? Низ многу ретроспективи во книгата се гледа колку многу тие се сакале, какви убави моменти поминувале заедно, а потоа се опишани и моментите по неговата смрт, ужасни и тешки за неа.
Таа плаче додека солзите не пресушат, се смее во моменти на очај кога знае дека не може да го врати назад, таа се обидува да се затвори сама изолирана од светот и да тагува... Но нејзините пријателки и роднини не дозволуваат така да живее...

Нема да откривам повеќе на оние кои не ја прочитале, само ќе им кажам дека мораат веднаш да дојдат до неа!

Вештица - Венко Андоновски



Кој не ја видел - тој не се родил
кој ја видел а не ја вкусил - тој умрел
кој ја вкусил - тој не куртулил,
оти ќе живее.
Јас, а можеби и Ти
Венко Андоновски е еден од најдобрите македонски писатели, напишал еден неверојатен и уникатен роман. Неговата уникатност ја гледаме уште од првата страница на која е напишан насловот на книгата а под неа стои: - Роман во сурова состојба - (Тетратка на еден писател). Романот е поделен на два дела. Едниот дел, кој е всушност и главната приказна, говори за милион жени кои биле изгорени на клада под обвинение дека се вештици.
Овој дел е пишуван со вообичаени букви, а другиот дел е пишуван со закосени букви, кој според мене е и оној кој го прави да се разликува од сите досега прочитани книги.
Токму во овој дел можеме да ги забележиме карактеристиките на постмодернизмот. Закосените букви говорат за различни приказни, за животите на различни луѓе, па и индиректно за животот на писателот. Кога ја читате оваа книга, писателот Ви се обраќа лично на Вас. Како Вие да сте оној кој ја пишува. Вие сте причината за таквиот тек на дејството. И се чувствувате како дел од книгата, како лик, навистина влегувате во тој филм на писателот и Ве освојува, Ви поставува прашања на кои дури Ви остава празни редови да одговорите, да ја пополните книгата. Ви задава задачи и додека го правите тоа се чувствувате како да сте внатре во книгата, како да сте дел од тој свет. Не Ви се верува како Ви се обраќа и како знае што всушност чувствувате додека го читате романот. Има моменти кога сте занесени во приказната за вештиците и тој намерно Ве прекинува, Ви се обраќа за да Ве освести да се вратите во реалниот свет.
... И врескаш: роман, роман, роман! Ма немој! Така се пишувало роман! А кој да ти го напише?! Јас? Зошто би ти го напишал, ти разгалено суштество седнато на топло, во соба, во автобус, во трамвај, во чекална, во авион, во тивка библиотека, легнато во топол кревет, со корици во рацете; ти лакомо и незаситно суштество што сака да голта суво злато, а да не ја цени потта на златарот...
Така книгава Ви носи ново доживување. Не сте само пасивен читател, туку токму и тоа е карактеристиката на постмодернизмот да сте дел од приказната. Книгава ќе Ви донесе ново искуство, досега недоживеано. Од некои задачи кои Ви ги задава писателот, не извршив само една, бидејќи не сум од Скопје, а верувајте бев подготвена и да отидам до Скопје само поради тоа, но ете се надевам дека откако ќе ја прочитате, некој ќе ја заврши, па ќе коментира овде дали е вистина:
- Појди по кејот. Кон старата кланица. Од "МАНУ" до кланицата има вкупно 938 плочки. Ако ја кренеш 666-тата, под неа ќе најдеш нешто многу вредно!

Купи ја книгата

http://www.kupikniga.mk/BookDetails.aspx?Pr=1027

Saturday, 24 November 2012

Раскажи ми ги соништата - Сидни Шелдон


Три преубави жени: Ешли, Тони и Алет се осомничени дека направиле повеќе брутални убиства. Мажи со кои тие се гледале и тоа во различни земји се убиени, искасапени и кастрирани.
Сите работат во иста компјутерска компанија. Двете се пријателки, а третата девојка не ги познава другите две.
Ешли Петерсон е американка, осамена и срамежлива компјутерџика која не згазнува ниту на мравка, но таа има чувство дека некој ја следи, дека сака да ја убие иако не знае зошто. Тони е англичанка, дрска кавгаџика склона кон луди ноќни прошетки и флертувања на интернет. Алет е смирена, наивна италијанска уметничка душа.
Полицијата ќе ги уапси и следува едно од најбизарните судења на векот. Заснована на вистински настани, оваа книга нè води од Лондон и Рим до Квебек и Сан Франциско и нè остава со гримаса на изненадување.

Загубената ќерка - Дајен Чемберлен


Често животот нѝ спрема чудни изненадувања и нѐ става пред тешки крстопати, пред кои мора да донесеме важни одлуки од кои ќе нѝ зависи понатамошниот тек на нашиот живот. На тој начин сами си ја одредуваме сопствената судбина.

Токму тоа ѝ се случува на Сиси Вилкис- главниот лик во овој преубав роман. Кога Сиси има шеснаесет години нејзиниот живот тргнува во сосема спротивен правец, сосема спротивно од она што таа го планирала и посакувала за себе.

На дванаесет годишна возраст Сиси останува сирак, кога нејзината мајка умира таа живее по домови и различни семејства.

На шеснаесет години Сиси конечно го средува својот живот- работи како келнерка во еден ресторан и собира пари за да се запише на колеџ. Тогаш се вљубува во убавиот Тим Глисон.

Тим полека ја вовлекува Сиси во неговиот свет и ја убедува да учествува во неговиот план да ја киднапираат жената на гувернерот за да може да ја намали казната на својата сестра која е осудена на смрт поради убиство. Сиси е премногу заљубена во него и прифаќа да учествува во тоа. Нејзината задача беше само да ја чува жената на гувернерот додека Тим и брат му Марти преговараат со нејзиниот сопруг.

Но работите се комплицираат...

Животот на Сиси се менува од корен и таа е свесна дека ова не ѝ го направи судбината туку си го направи самата таа и сега мора да ги трпи последиците од тоа. Каков ќе биде животот на Сиси и Корин ве оставам да откриете сами, мене оваа животна приказна ме обзема и не можев да ја оставам сѐ додека не ја дочитам, бидејќи оваа книга нѐ учи дека некогаш самите си ја одредуваме својата судбина, а последиците од тоа ги чувствуваме цел живот.

Тунел - Петре М. Андреевски



За љубителите на македонските мајстори и нивните дела.
Нешто што вреди да биде дел од вашиот список на прочитани книги.


„Кога го создавав романот имав проблем, како да се заштитам од себеси. Во овој роман сите ликови се создадени во мојата имагинација, но ништо не е случајно тие се сместени во вистинското време и место, тоа е навидум имагинарно, но литературата е лага која само ни помага полесно да ја запознаеме вистината“ - Петре М. Андреевски за „Тунел“

„Ако мислиш и ти да бегаш – ми вели, никогаш да не се обѕрнуваш назад. Твоето свртување може да биде кобно- ми вели, зашто ќе дознаеш кој е тој што те брка. Ќе му го видиш лицето и може да се рпедадеш. Ќе застанеш и ќе му се предадеш –вели. Затоа бегај се додека не се умори тој што те брка. Додека не те заборави. 

И додека ти не го заборавиш него “ - извадок од романот

Затоа што те љубам - Гијом Мисо

Петгодишната Лајла исчезнала во еден трговски центар во Лос Анџелес. Длабоко потресени од оваа трагедија, нејзините родители се разидуваат. Пет години подоцна, Лајла се појаува на истото место на кое и се изгубила секаква трага.
Жива е,но од некоја причина,таа не зборува. Сите се среќни заради нејзиното враќање, но се јавуваат и неизбежни прашања. Каде била Лајла сето ова време? Со кого? Но, пред се, зошто се врати?
Оваа трогателна човечка драма всушност е волшебна љубовна приказна која се вовлекува во мистерија  и ве држи во неизвесност. Приказна чиј крај нема така лесно да го заборавите.

Купи ја книгата 


http://kupikniga.mk/BookDetails.aspx?Pr=1675

Јас те сакам повеќе - Лиса Гарднер


КОГО САКАШ?

Едно прашање, минијатурно делче од секундата и Брајан Дарби паѓа мртов на кујнскиот под во својата куќа. Неговата сопруга, државната полицајка Теса Леони, тврди дека го застрелала во самоодбрана, а нејзиното модро лице и скршени коски ја поддржуваат таа приказна. За искусната детективка Ди Ди Ворен, случајот е прилично јасен. Само што... каде е нивната шестгодишна ќеркичка?


И КОЛКУ ДАЛЕКУ БИ ОДЕЛЕ ВИЕ...


Детективите ја започнуваат потрагата по девојчето додека истовремено се трудат да ги откријат сите семејни тајни. Дали една тренирана полицајка навистина би си го застрелала сопругот? Зошто? И дали една мајка е способна да го повреди сопственото дете?


... ЗА ДА ЈА СПАСИТЕ?


За Теса Леони, најлошото следува дури сега. Таа чекори по тенко јаже, не може да побара помош од никој, не смее никому да верува. Таа има само една цел и планира да ја искористи секоја секунда тренинг за да дојде до неа. Ниедна жртва не е преголема, ниедно дело не е незамисливо. Мајката знае кого сака...


Купи ја книгата 

http://www.kupikniga.mk/BookDetails.aspx?Pr=1130

Wednesday, 21 November 2012

Сликата на Доријан Греј - Оскар Вајлд


За сите оние кои сакаат фантазија, нереалност, бајки... Го гледав и филмот и морам само да признаам дека очекував малку повеќе, но тоа сум сепак јас, верувам дека оние кои сакаат ваков тип на книги, ќе имаат доста интересно време со оваа книга или филм. Возбудлива приказна за човек кој си ја продава душата во замена за вечната младост. Не, не е Шагринска кожа...
Прифаќајќи еден нов вид хедонизам кој на прво место ја става телесната убавина, Доријан Греј посакува да остане вечно млад. Тој се откажува од сите вредности и желби на обичниот човек со една цел, да ја задржи својата младост и својата убавина.
Желбата му се исполнува, но го вовлекува во серија развратни постапки.
Неговиот портрет, иако скриен од сопствените и од очите на светот, станува потсетник на ефектите што ги има секое извршено дело врз неговата душа. Секој сторен грев го нагрдува некогаш насликаното младо и убаво лице, го закитува со нова сурова црта на усните, со нова брчка на челото.
Но доаѓа ден кога се појавува црвот на сомнението, потребата за соочување со себе. Доријан Греј ќе собере храброст да се извлече од канџите на себезалажувањето и да ја фрли маската. Но кога ќе погледне во својата соголена душа – гледа само грдотија што го ужаснува.

Педесет нијанси на сива - Е.Л Џејмс



Младата апсолвентка по книжевност, Анастасија Стил, мисли дека има проблеми. Таа е ситна, со нескротлива коса, срамежлива и сѐ уште девица. Вози искршена буба и за една недела ги полага финалните испити на факултет. Ѝ треба време за да учи, ама покрај сето ова е приморана да ја замени својата цимерка, прекрасната Кејт, уредник на студентскиот магазин, која има лоша настинка, да оди во Сиетел за да го интервјуира младиот милионер Кристијан Греј.
Лута на Кејт, на себе и на светот оди на закажаното интервју, потполно неподготвена. Влегува во импозантната канцеларија на г. Греј, се сопка и му паѓа право в раце. Уште од првиот допир осеќа електричен шок. А г. Греј е млад, успешен, секси, арогантен и пребогат.Интервјуто почнува, а Анастасија иако неподготвена и срамежлива, успева во рок од петнаесет минути да го насмее, изнервира и да го шармира г. Греј. Си заминува за Портланд со мислите на учењето.Во наредните денови г. Греј е секаде каде што е таа, дури доаѓа каде што работи и купува разен асортиман на јажиња...Aна е шокирана, сите ѝ велат дека богатиот ерген е тука заради неа и да ја искористи оваа прилика. Но Кристијан постојано ја предупредува дека не е за неа.Не можејќи веќе да издржи го приморува да ѝ каже зошто не е за неа. И тука почнува вистинската приказна, кога Кејт ќе види дека таа и всушност немала никакви проблеми пред да го запознае г. Греј кој не дозволува никој да го допре.Тој е Доминант. Сака сексуално потчинети партнерки и сака сексуално да ја потчини Ана. Ѝ ја покажува својата Црвена соба на болка и задоволство и очекува таа да избега како од ѓавол. Но, Ана секогаш успева да го изненади. Не бега од него, не го осудува. Кристијан ѝ дава избор, да потпишe договор со правила и да му стане потчинета или слободно да си замине... A Ана, не прифаќа ни едно ни друго, туку му ја дава својата невиност. Шокирајќи го до неверување.Книгава не е некое книжевно богатство. Прозата е слаба, дијалогот неспектакуларен, дури ни секс сцените не се толку жешки. Ама сите ќе сакате да дознаете зошто е Кристијан таков каков што е.Што му се случило во детството што во негови зборови „го довел до педесет нијанси на изопаченост“? Дали Ана ќе успее да го „излечи“ од неговите перверзни потреби?Иако е критикувана како „порно за жени“ или премногу перверзна, јас повеќе би рекла дека тој дел од книгата е ставен во втор план. Првенствено се работи за емоции. Емоциите на Кристијан, од кои бега, сака сѐ околу него да контролира, ама никако не успева тоа да го направи со Ана. Дали љубоморниот контрол фрик ќе успее да сфати што всушност чувствува за неа? И емоциите на Ана, страв од него, страв од неговото уживање во задавање на болка, страв од нејзината новопронајдена темна страна, неверување, привлечност, љубов. Книгава е само првиот дел од трилогија наречена „Педесет нијанси“. Почнала како фан фикција за книгите „Самрак“ и преминала во нешто сосема друго. Авторката Е. Л. Џејмс ја издавала глава по глава на нејзиниот сајт и наскоро станала најбараната книга кај жени меѓу 25 и 50 години. Апсолутен хит во моментов.

Линк за онлајн читање на оригиналното издание на англиски јазик


Купи ја книгата 


http://www.kupikniga.mk/BookDetails.aspx?Pr=11134