Wednesday, 12 December 2012

Голи во смртта - Нора Робертс


Ова е првата од „Во смртта (In Death)“ серијата на Нора Робертс, која ја пишува под псевдонимот Џ.Д. Роб. Книгата ја купив на ланскиот саем во српско издание. Барав криминалистички роман, а она што го прочитав на задниот дел од книгата го привлече моето внимание и решив да ја купам... Дефинитивно не погрешив.

Точно како што пишува на задниот дел од книгата: Совршен баланс на напнатост и врела романса... навистина сјајна забава... секако ќе посакате уште.

Во продолжение, почнувам со она што уште пишува на задниот дел од книгата поткрепено и дополнето со мое мислење.


Ив Далас е детективка во полицијата во Њујорк која живее за својата работа. За повеќе од десет години колку што е во служба, видела сè - и знае дека нејзиниот опстанок зависи од инстинктот. Но, таа оди против сите предупредувања кои ѝ кажуваат да не се впушта во врска со Рорк, харизматичен ирски милијардер и осомничен во последната истрага за убиство која ја води токму Ив.

Една лиценцирана проститутка е ладнокрвно убиена во својот кревет... Три истрели од антиквитетно оружје. Еден во челото, еден во градите и еден во гениталиите. Покрај неа стои пораката ЕДНА ОД ШЕСТ! Што кажува дека ова е само почеток на серијата убиства кои помалку или повеќе водат токму кон Рорк.

Дали женската интуиција на Ив ќе биде во право или ќе ја изневери носејќи ја во рацете на убиец?

Трилер составен од неколку морничави, несекојдневни приказни... зачинет со гнасотијата на инцестот и родосквернавењето... Прв од серијата книги на Робертс кој навистина верувам дека ќе ви се допадне како и на мене.

No comments:

Post a Comment