Wednesday, 12 December 2012

Прашање на избор - Нора Робертс

Џесика е една прекрасна, нежна девојка која изгледа преубаво и потекнува од едно богато семејство. Таа иако нема потреба од дополнителни примања, за свое лично задоволство и од љубов кон антиквитетите води една своја антикварница. Но, позади она што таа го гледа се случуваат и нешта за кои таа не знае, а истите можат да го доведат нејзиниот живот во опасност. Имено, криумчарење на скапоцени камења се врши токму преку антиквитетите кои таа ги продава во Лондон. Затоа, темнокосиот, згоден мачо наредникпротив своја волја е испратен да биде нејзина „дадилка“ која треба да ја заштити.
Нормално тој е прикриен со добра приказна бидејќи таа не би дозволила да биде чувана од страна на некој полицаец, а исто така би било премногу опасно веднаш да дознае што се случува во нејзината продавница.
Џесика и Слејд се чиста спротивност еден на друг, како вода и масло, тие не можат да одат заедно, не можат да се спојат. Таа е нежна, богата, подготвена да љуби, а тој е дрзок, безобразен, далеку од богат и преплашен на смрт од идејата да биде вљубен или љубен од страна на оваа „богаташка“, како што тој ја нарекува. Да, низ книгата ќе прочитате различни навреди за неа од него, идиот, сноб... но тој секако нема да биде доволно силен за да одолее.
Нора Робертс уште еднаш ќе Ве фати за рака и ќе Ве поведе по страниците на својот роман за многу кратко време. Нема да почувствувате досада. Трилер елементи испреплетени со романтичните моменти кои го носат печатот на раскажувањето на Робертс. Реални ликови, полни со живот, убаво претставени и уште поубаво инкорпорирани во една приказна...
Секој прочитал нешто од Нора Робертс знае дека не може да очекува на крајот да остане стаписан или затечен затоа што не можел да го предвиди крајот на настаните, па сепак ова не е Шелдон, Ладлам или Браун. Знаеме дека Робертс крои лесни приказни кои се читаат во еден здив.Но, за сите оние кои ги сакаат сите книги, исто како мене, без разлика дали се тоа напнати трилери, трогателни драми, литературни евергрини и слично, оваа книга ќе им се допадне. Уживајте!

No comments:

Post a Comment