Славни во смртта е продолжение на книгата Голи во смртта на Нора Робертс, во тоа време пишувани под нејзиниот псевдоним J.D ROBB. Книгите се поврзани, но секако можат да се читаат и независно една од друга. Во секој случај комплетната слика ќе ја имате доколку по правилниот редолед ги прочитате двете, значи најпрво Голи во смртта, а потоа Славни во смртта. Ако повторно очекувавте од Робертс некое лесно љубовно романче кое ќе ве наполни до даска со позитивна енергија тогаш ќе морам да ве разочарам и да ви кажам дека тоа нема да го добиете. Она кое ќе го добиете сепак и не е така лошо, напротив, одлично е!
Добивате еден одличен трилер кој така добро ќе ве извози од првата до последната страна што ќе бидете изненадени.
Детективката Ив која одлично се снајде со решавањето на сериското убиство во претходниот дел сега повторно е ставена пред еден голем предизик.
Умираат жени... не, поточно, некој убива жени. Убива само жени. Убива само славни, успешни, познати кариеристки. Кој е убиецот и како да се пронајде истиот кога толку многу луѓе имаат мотив за убиство?
Ми се допадна тоа што навистина не можев да сфатам кој е убиецот! Дури кон крајот на книгата, кога веќе почнуваат малку по малку да се отвораат картите, тогаш почнувате да се сомневате во вистинската личност.
Друга работа која ми се допадна во врска со оваа книга е тоа што покрај одличниот трилер кој цело време ве држи во неизвесност, во книгата има испреплетена љубовна приказна. Тоа не е „лигава“ приказна која е ставена во центарот на книгата туку е приказна која се провлекува во текот на целата книга и дава дополнителна убавина на секоја страна.
Генерално, книгата со своите два дела навистина ми се допадна и сметам дека е добро тоа што овие книги се воделе под псевдонимот бидејќи имате чувство како да се работи за сосема друг писател, а и самата книга е како да е напишана од друг писател.
Би ја препорачала на секого да ја прочита!
No comments:
Post a Comment